Connect with us

Вести

Квалификациско тестирање за насока медицинска сестра во три средни училишта, во гимназијата „Орце Николов“ ќе нема приемен испит

Во скопската гимназија „Орце Николов“ утре нема да се полага квалификациско тестирање како што претходно беше најавено поради поголем број пријавени ученици со ист број бодови од предвидените места во Конкурсот.

На својата веб-страница гимназијата објави дека тестирањето нема да се одржи откако МОН одобрило четврта билингвална англиска паралелка, а и за да се заштити здравјето на учениците.

– По одлуката на МОН за одобрување 4-та билингвална англиска паралелка, а во насока за зачувување на заедничката безбедност и здравје, следејќи ги препораките на Владата и на СЗО, квалификациското тестирање за билингвална англиска паралелка нема да се одржи, објавено е на веб-страницата на училиштето.

Како што од МОН соопштија во петокот за МИА, во оваа скопска гимназија беше предвидено квалификациско тестирање за билингвална настава на англиски јазик, по предметот англиски јазик. Биле пријавени 145 ученици со максимални 75 бода, а  според Конкурсот треба да се примат 136.

Тоа предизвика реакции во некои од останатите три средни училишта со здравствена струка каде што за насоката медицинска сестра се пријавиле повеќе ученици со ист број бодови. Утре од 10 часот за тие кандидати ќе има квалификациски тестови и од резултатите ќе зависи конечната листа за прием на ученици во прва година во 2020/2021.

Се работи за СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје за медицинска сестра на настава на албански јазик, каде што се предвидени 102 ученика во три паралелки, а со ист број бодови се пријавени 166 ученици.

Во СОУ „Димитар Влахов“ во Струмица, здравствена струка – медицинска сестра на македонски наставен јазик, слободни се 34 места односно една паралелка, а со исти бодови се пријавени 39 ученици, како и во СОУ „Ѓорче Петров“ во Прилеп, здравствена струка – медицинска сестра на македонски наставен јазик, за 34 места односно една паралелка конкурирале 44 ученици со максинални (75) бодови.

Учениците што се пријавиле за оваа насока во овие три училишта утре ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија на јазикот на кој тие  ја следеле наставата во основното училиште.

Тестовите ги изработува Бирото за развој на образованието, а комисијата за организирање на квалификациското тестирање е формирана од членови на МОН, БРО и наставници од самите училишта.

Средните училишта во петокот по 15 часот ги објавија ранг-листите со запишани ученици од првото пријавување во јунскиот рок кое беше спроведено на 16, 17 и 18 јуни. Според роковите од Конкурсот, второто пријавување и запишување е на 24 и 25 јуни, а третото пријавување ќе биде на 29 јуни./МИА/

Click to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

НАЈЧИТАНИ